Македонско Географско Друштво
Почетоците на Географското друштво (отсек) датираат уште во далечната 1922 година на иницијатива на наставниците од Филозофскиот факултет во Скопје. Во него членувале и многу наставници од средните и стручните училишта. Во рамките на програмата за работа, биле организирани состаноци на Друштвото на кои се презентирале стручни трудови од географијата, етнографијата и фолклорот на подрачјето на Македонија. Голем дел од трудовите, кои се презентираат во Друштвото, потоа се објавуваат во Гласникот на Скопското географско Друштво.

Во периодот по Втората светска војна, дејноста се возобновува. Така на 29 ноември 1949 година, …„во слушалната на географската група на тогашниот Филозофски факултет, во старата едноспратна зграда што се наоѓаше на кејот на Вардар во Скопје, а која беше урната за време на земјотресот од 26 јули 1963 година…, во една скромна, но свечена атмосфера се формира… како што тогаш се нарекуваше Географско друштво на НР Македонија” (Гашевски, 2001). На ова основачко собрание биле присутни околу педесетина луѓе, меѓу кои и студенти од третата и четвртата година на тогашната географска група.

MGD
На првиот состанок на Управниот одбор (30.11.1949 година), на дневен ред било прашањето за програмата на Друштвото и неговото дејствување за промовирање и развој на географската наука. Истовремено бил формиран Управен одбор од 9 членови, а за претседател бил избран проф. д-р Атанасије Урошевиќ. Во работата на Управниот одбор учествувале проф. д-р Манојло Чучков – прв потпретседател, Злата Ангелова – секретар, проф. д-р Гиго Милески – благајник, проф. Часлав Стојадиновиќ – библиотекар, додека проф. д-р Јован Трифуновски, проф. Апостол Апостолов, проф. Цветко Ивановски и Милан Тодоровски биле членови на Управниот одбор (Панов, 1974).

Во текот на своето долгогодишно постоење Друштвото на географи од Македонија развива широка и плодна дејност за афирмација и развој на географската наука. Активноста се реализирала преку поголем број формирани секции, а посебно преку наставната секција.

МГД
Во прилог на поквалитетена настава по географија, во почетокот биле организирани поголем број предавања во врска со наставата, а подоцна во духот на истите залагања биле организирани голем број семинари и советувања. На семинарите и советувањата главен предмет на расправа биле улогата на географијата и нејзиното место во образовниот процес и наставаните планови и програми според кои се одвивала наставата по географија во основните и средните училишта. Поради зголемениот број членови на Друштвото, како и поголемиот број на секции организирани во различни делови од Р. Македонија, во 1979 година тоа се преименува во Сојуз на географски здруженија на Република Македонија, а да во 1994 година, како резултат на обратниот процес, се преименува во Македонско географско друштво. Тоа име го носи и денес.

Со приемот во IGU (International Geographical Union), Светската географска асоцијација на Годишното собрание на IGU одржано на 17.08.2004 година во Глазгов, Македонското географско друштво и неговите членови официјално се дел од големото светско географско семејство.

Во рамките на поранешна Југославија, Друштвото двапати имало чест да организира конгрес: Вториот и Осмиот Конгрес на географите на Југославија.
Во организација на Македонското географско друштво биле организирани и други значајни собири:

МГД-2
  • Научен собир по повод 25-годишнината од формирањето на Друштвото, 1974 година во Скопје;
  • Републички симпозиум „Туризам и заштита на животната средина”, 1976 година во Скопје;
  • Југословенски симпозиум за проблемите на селските населби и земјоделското производство, 1972 година во Охрид;
  • Републички симпозиум за природните и социо-економските проблеми на ридските и планинските подрачја, 1981 година во Берово;
  • Југословенски симпозиум за социо-географските и економско-географските проучувања и проблеми на животната средина, 1983 година во Охрид;
  • Прв Конгрес на географите од Република Македонија одржан од 26 до 28.10.1995 година во Охрид. Јубилеј по повод 50 години од постоењето на Македонското географско друштво, 1999 година во Скопје;
  • Втор Конгрес на географите од Република Македонија одржан од 3 до 5 ноември 2000 година во Охрид;
  • Трет Конгрес на географите од Република Македонија одржан од 15 до 16 октомври 2005 во Скопје;
  • Меѓународен научен симпозиум на тема ,,Географијата и одржливиот развој“ одржан во Охрид од 22 до 25 октомври 2009 година;
  • Четврти Конгрес на географите од Република Македонија одржан од 7 до 10 октомври 2010 година во Дојран;
  • Меѓународен научен симпозиум на тема „Ридско-планинските планински простори – проблеми и перспективи“ одржан од 12 до 15 септември, 2013 година во Охрид;
  • Петти Конгрес на географите од Република Македонија одржан во октомври 2015 година во Скопје.
Во издание на Македонско географско друштво се публикувани 49 броја од списанието Географски разгледи, посветено на научните проблеми во географијата. Списанието има меѓународен одбор и од неодамна се издава и на англиски јазик. Во него, до сега се објавени преку 300 научни и стручни трудови од близу 70 автори!

МГД од 1979 година континуирано спроведува натпревари на општинско и државно ниво. Досега се реализирани 36 натпреварувања во различни делови од Република Македонија. Домаќини на натпреварите биле училишта од Крива Паланка, Делчево, Пробиштип, Велес, Прилеп, Битола, Валандово, Гевгелија, како и Институтот за географија во Скопје.

Македонското географско друштво од 2008 година наваму ја обновува традицијата за организирање семинари за наставниците. Како дел од неговата заложба да продолжи да ја има улогата на сервис за кариерен развој на наставниците по географија, во подготовка е и следниот семинар за наставници предвиден за месец март, повеќе работилници на конкретни теми и теренска настава.

Со тоа Македонското географско друштво гордо на традицијата, сигурно делува во сегашноста и има визија за иднината на географијата.
Subpages (1): Извештаи